Првиот лет од Киев слета на скопскиот аеродром – украинската Виндроуз отвора нова редовна авиолинија Киев – Скопје
Со традиционалната церемонија за пречек за првиот лет кој пристигна од Киев на Меѓународниот Аеродром Скопје во 12 часот денеска, ТАВ Македонија го означи отворањето на новата редовна авиолинија Киев – Скопје на која ќе сообраќа украинската авиокомпанија Виндроуз.
Воздухопловот од типот Ембраер 145 полета од главниот град на Украина утрово во 9:50ч, со 50 патници, а слета во македонскиот главен град во 12 часот (на пладне), поврзувајќи ги двата главни града за само 2 часа и 10 минути.
„Ние во ТАВ сме среќни и горди што го пречекуваме првиот лет на Виндроуз од Киев на Меѓународниот Аеродром Скопје, одбележувајќи го воведувањето на новата редовна авиолинија Киев–Скопје, која претставува не само прв позитивен чекор кон закрепнувањето на македонскиот авиосообраќај за време на пандемијата од КОВИД-19, туку и означува историски успех за македонското воздухопловство, бидејќи Македонија и Украина за прв пат во историјата се поврзуваат по воздушен пат. Влезот на Виндроуз ерлајнс на македонскиот пазар е исто така особено важно во овие тешки времиња за авијацијата, бидејќи сме сведоци на тоа како кризата ги менува плановите на авиокомпаниите во однос на проширување на мрежите на дестинации. Иако сме во време на криза, македонскиот пазар денес е победник, а ние сме благодарни на Виндроуз за нивната одлука. Се надеваме дека Киев како нова дестинација ќе биде атрактивна за патниците од Македонија и од соседните држави, како и дека тие ќе ја искористат можноста да го посетат овој убав град што се протега долж реката Днепар, кој е богат со култура и историја, додека украинските граѓани ќе имаат можност да ги откриваат природните убавини на Македонија. Покрај позитивниот ефект врз туризмот, оваа нова авиолинија Киев–Скопје ќе ги зајакне деловните врски меѓу двете држави, што ќе има позитивен ефект врз целокупната македонската економија“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
“Виндроуз eрлајнс се надева дека отворањето на новата авиолинија меѓу Киев и Скопје ќе помогне на двете држави да ги зајакнат односите во туризмот и во бизнис-секторот. Ние исто така веруваме дека покрај тешкотиите со кои се соочуваме за време на светска пандемија, туристите ќе бидат заинтересирани за оваа сосема нова дестинација. Затоа, им посакуваме успех на сите во овој предизвик. Искрено сме благодарни за целата поддршка од страна на Северна Македонија, на претставниците на надлежните органи за воздушен транспорт, Aеродромот во Скопје и Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија”, изјави Володимир Каменчук, Генерален директор на Виндроуз eрлајнс.
“Како Амбасада на Украина, сумирајќи ја оваа тешка година, и покрај состојбата поврзана со пандемијата, со задоволство сакаме да го забележиме значителното зајакнување на билатералните односи. Украина и Северна Македонија имаат заеднички стратешки приоритети - членството во НАТО и ЕУ. Многу нé радува позитивниот нагорен тренд на економската соработка. Оваа година, и покрај тешката состојба со Ковид-19, за 9 месеци веќе имаме повисока трговска размена во споредба со целата мината година. Имаме и интензивирана соработка меѓу претставниците на туристичкиот сектор. Низа украински туристички компании неодамна ја посетија Македонија. Се разгледува прашањето за организирање на посета на македонските компании во Украина. Круна на оваа успешна година за билатералните односи е воведувањето на првиот во историјата на нашите односи директен лет на релација Киeв-Скопје-Киeв, со кој ќе се овозможи зголемување на деловните врски меѓу нашите држави, ќе се зголеми туризмот во двете земји, граѓаните на Македонија ќе имаат можност да се запознаат со богатата култура на Украина и Украинците ќе можат подобро да се запознаат со пријателската Северна Македонија. Ова значително придонесува за продлабочување на пријателските билатерални односи. И благодариме на украинската авиокомпанија Виндроуз за оваа можност, која во тешката состојба со пандемијата ризикува и нè придвижува сите напред”, изјави Амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук.
“Авиолинијата Киев - Скопје е само потврда на нашата добра соработка со Украина. Би сакал да се заблагодарам на амбасадорката за тоа што Република Северна Македонија е избрана за дестинација за соработка. Воспоставувањето на оваа линија веруваме дека е од огромно значање и за двете земји, бидејќи се отвораат бројни можности за унапредување на соработката во делот на економијата, туризмот, културата, инвестициите како и други области што ни се од заеднички интерес.
Тоа се совпаѓа со определбите на оваа реформска Влада за обезбедување на услови за привлекување на странски инвестиции во функција на развој на нашата земја.
Дополнително, се отвораат бројни можности и за домашните компании за проширувње на сопствените бизниси и пласирање на производите на нови пазари”, изјави Благој Бочварски, Министер за транспорт и врски.
Виндроуз ќе лета од Киев до Скопје два пати неделно, во недела и во четврток, со исто време на полетување и слетување (заминување од Киев 9:50ч – пристигнување во Скопје 12:00ч; заминување од Скопје 12:50ч – пристигнување во Киев 15:10ч).
Според најавите на Виндроуз, летовите од Киев до Скопје ќе функционираат во текот на целата зимска сезона, како и во текот на летната сезона во 2021 којашто почнува кон крајот на март. Резервации и продажба на авио билети се достапни на веб страницата на Виндроуз: https://windrose.aero/
Покрај фактот дека ова е прва воздушна линија меѓу Македонија и Украина, Киев е и прва дестинација што директно го поврзува Скопје со Источна Европа, бидејќи мрежата на авиолинии досега беше концентрирана претежно кон Западна и Северна Европа, како и Јужна Европа, Турција и Блискиот Исток.
ТАВ Македонија ги заврши првите 10 месеци од 2020 година (јануари – октомври) со 70% намалување на патничкиот сообраќај споредено со истиот период од 2019 година, додека бројот на летови е намален за 59%. Уште од март 2020 кога почна глобалната пандемија со КОВИД-19, таа сериозно го погоди македонскиот авијациски пазар, кој е најнегативно погодениот економски сектор. Двата македонски аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид беа затворени цели 3,5 месеци (март – јули 2020г.) од страна на Владата, како мерка за превенција на ширењето на КОВИД-19 во државата. По повторното отворање на 1-ви јули 2020г., најголемиот предизвик за закрепнување на македонскиот авиосообраќај се рестрикциите за патување за македонските граѓани воведени од страна на државите членки на ЕУ, каде е концентриран преку 77% од македонскиот авиосообраќај.