МЕЃУНАРОДНИОТ АЕРОДРОМ СКОПЈЕ ГО ДОБИ ПРИЗНАНИЕТО “ГЛАСОТ НА КЛИЕНТОТ” ОД ACI WORLD
Меѓународниот Аеродром Скопје доби ново признание од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International World) наречено The Voice of Customer или Гласот на клиентот, со кое им се оддава признание на аеродромите што вложиле и покажале значајни напори во собирање повратни информации од патниците преку програмата за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ), а со цел подобро да ги разберат нивните клиенти за време на пандемијата.
„Среќни сме што Меѓународниот совет на аеродроми ни го додели ова признание за Меѓународниот Аеродром Скопје, како еден од 140-те аеродроми на светско ниво, коишто продолжија да ги слушаат мислењата на клиентите, дури и во овие тешки времиња за аеродромите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19. И покрај тешките околности, и борбата да се опстане, ние сепак одлучивме дека задоволството на клиентите ќе остане еден од нашите врвни приоритети. Затоа, продолживме со ангажирање на нашите ресурси за спроведување на анкетите за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ) според дадената програма и репрезентативни примероци, односно бараната квота од ACI, вложувајќи ги сите напори да го приспособиме работниот процес со цел да одговориме на променетата бизнис средина што КОВИД-19 ја донесе на аеродромите. Навистина веруваме во важноста на мислењето на нашите клиенти, бидејќи нашата цел се услуги скроени така што ќе ги исполнат очекувањата на патниците.“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Според информациите од ACI, скопскиот аеродром е меѓу 140-те аеродроми низ светот што го добиваат ова признание, а припаѓа во групата од 33 аеродроми во регионот на Европа; признанието го добија и 69 аеродроми во Азиско-Пацифичкиот регион, 24 аеродроми од Северна Америка, 6 аеродроми од Африка, 5 аеродроми од Латинска Америка-Кариби и 3 аеродроми од Блискиот Исток.
„Честитки! Признанието Гласот на клиентот ја слави заложбата на аеродромите што продолжија да ги слушаат патниците и да ги приспособуваат процесите и процедурите за да ги исполнат изменетите очекувања за искуството на патниците како одговор на КОВИД-19. Бидејќи нашата индустрија работи и цели кон закрепнување, аеродромите што ги слушаат – и им даваат приоритет на потребите и очекувањата на – клиентите ќе бидат во подобра позиција за да одговорат и реагираат. Програмата ASQ на ACI им обезбедува на аеродромите алатка за објективно мерење која е репер за квалитет на услугите. Врз основа ASQ-програмата аеродромите собираат информации за потребите и очекувањата на патниците, со цел поквалитетен учинок и одговор на нивните барања“, изјави Генералниот директор на ACI, Луис Фелипе де Оливеира.
Пандемијата со КОВИД-19 предизвика сериозен удар врз авијацијата, која е најнегативно погодениот економски сектор ширум светот.
ТАВ Македонија ја заврши 2020 година со пад во патничкиот сообраќај од 71%. Од 2.677.618 патници во 2019, во текот на цела 2020 година, двата аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, имаа вкупно 782.876 патници.
Најголемиот предизвик за закрепнување на патничкиот сообраќај, се рестрикциите за патување за македонските граѓани воведени од земјите членки на ЕУ/Шенген зоната, каде е концентриран преку 77% од македонскиот авиосообраќај.