ТАВ Аеродроми го пречека првиот чартер-лет на Фрибрд ерлајнс со германски туристи на Меѓународниот Аеродром Скопје

Менаџментот на ТАВ Македонија заедно со вицепремиерот, Александар Николоски, и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска на Меѓународниот Аеродром Скопје гo пречекаа првиот чартер-лет на авиокомпанијата Фрибрд ерлајнс кој ја донесе првата група од 180 германски туристи, со што се одбележа почетокот на овие чартер-летови кои ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром секој ден почнувајќи од денеска до почетокот на јуни, и потоа од октомври до средината на декември. Се очекува овие организирани летови да донесат 35.000 туристи во земјава.

„Денес, 16-ти февруари 2025 година, му посакавме добредојде на првиот чартер-лет на Фрибрд ерлајнс кој донесе 180 германски туристи од Дизелдорф и од Франкфурт. Ги пречекавме со дел од македонската култура, со македонски ајвар и со разгледници од знаменитостите на Скопје. Се надеваме дека сите 35.000 туристи кои се очекува да пристигнат оваа година од 13 различни дестинации од Германија, Франција и Велика Британија на Меѓународниот Аеродром Скопје, ќе имаат убави сеќавања од нивното патување исполнето со гостопримство, културни доживувања и гастрономски уживања. За нас во ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, секогаш претставува задоволство да пречекаме и опслужуваме нови авиокомпании, нови тур-оператори и нови дестинации. Како аеродромски оператор, се трудиме постојано да напредуваме во поглед на гостопримството и квалитетот на услугите како кон авиокомпаниите, така и кон патниците.“ изјави Неџат Курт, генералениот директор на ТАВ Македонија.

Од денес до почетокот на јуни, а потоа повторно од октомври до декември годинава, Фрибрд ќе лета до Скопје секој ден, и ќе носи туристи од 13 европски градови од Германија, Франција и Велика Британија.
Европските градови од кои ќе полетува Фрибрд и ќе слетува на Меѓународниот Аеродром Скопје се: Хамбург, Хановер, Минхен, Штутгарт, Берлин, Лајпциг, Дизелдорф и Франкфурт (Германија); Манчестер, Лондон - Гетвик (Велика Британија) и Париз, Лион и Марсеј (Франција).

“Нашите клиенти со нетрпение чекаат да ја посетат вашата убава земја и резервациите на овие патувања се веќе направени однапред. Досега имаме договорено летови за 25.000 патници кои ги резервираа овие тури од Германија, Австрија, Франција и Велика Британија и до крајот на сезоната очекуваме да донесеме 35.000 гости. Убеден сум дека туристите ќе уживаат во вашата прекрасна земја, историјата и топлото добредојде на луѓето кои живеат овде. Јас навистина уживав која ја посетив Северна Македонија”, изјави Хорст Живковиц, главен извршен директор на германскиот тур-оператор RSD Reisen.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, и членка на Групацијата АДП, ја заокружи 2024 година со вкупно 3.174.484 патници на двата македонски аеродроми - Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле Охрид, што претставува пораст од 1% во споредба со 2023 година. Во однос на бројот на летови, во 12-те месеци од 2024 година реализирани се 25.482 летови, односно 6% повеќе летови во однос на 2023 година.
