Неџат Курт назначен за Генерален директор на ТАВ Македонија
Метин Батак, кој беше Генерален директор на ТАВ Македонија од октомври 2020 година, сега е назначен за член на Извршниот одбор на ТАВ Тунис
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, го назначи Неџат Курт за нов Генерален директор, од 1-ви мај 2023 година. Метин Батак ја напушта позицијата на Генерален директор и ќе биде назначен за член на Извршниот одбор на компанијата ТАВ Тунис, која што управува со аеродромите Енфида Хамамет и Монастир.
Неџат Курт работи во воздухопловниот сектор 23 години, а уште од влезот на ТАВ на македонскиот пазар е дел од високиот менаџмент на ТАВ Македонија. Во 2008 година беше назначен од страна на ТАВ Аеродроми како еден од менаџерите кои го водеа проектот за концесија во Македонија. Тој работеше на скопскиот аеродром 2 години, а во 2010 година беше назначен за менаџер на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. По 2 години, во 2012 година беше назначен за менаџер на скопскиот аеродром и управуваше со целокупните аеродромски операции во македонскиот главен град. Во 2014 година, ТАВ Аеродроми го назначи Курт за Координатор за транзиција на меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина, Саудиска Арабија. Таму тој ја организираше транзицијата од стар во нов аеродромски терминал. Меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина, Саудиска Арабија е првиот приватизиран аеродром во Саудиска Арабија. Во 2016 година, Курт беше назначен за Координатор за ORAT односно Координатор за оперативна подготвеност и аеродромски трансфер во терминал и во јавна зона на аеродромот во Загреб во Хрватска. Тој работеше заедно со француската Групација АДП (ADP Group), за да обезбеди успешна транзиција и работа на аеродромот, додека не заврши изградбата на новата терминална зграда на аеродромот во Загреб и новиот терминал беше пуштен во функција во 2017 година. Во август 2017 година, Курт беше назначен за Координатор за аеродромски операции на 3 аеродроми кои се преземени под концесија од Кралството Саудиска Арабија од страна на ТАВ Аеродроми, по што следи улогата на Претседател на Комитетот одговорен за аеродромска дигитализација на аеродромот во Медина во 2018 година. Кон крајот на 2018 година, Курт се врати во Македонија, како Координатор за аеродромски операции, одговорен за целокупното оперативно работење на аеродромите во Скопје и Охрид.
Во првиот квартал од 2019 година, Курт беше назначен за Заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија. Неџат Курт е Турчин по потекло кој е роден и израснал во Германија. По завршувањето на средното образование, тој го продолжил своето високо образование на студиите за туризам и хотелски менаџмент на Универзитетот Текирдаг во Турција. Дипломирал политички науки и дипломатија на Американскиот универзитет на Европа во Скопје. Моментално, Курт посетува МБА студии по авијациски менаџмент на Универзитет Дунав во Кремс, Австрија. Тој е дипломиран професионалец за управување со аеродроми и е носител на титулата Професионалец за аеродромски операции (IAP – Airport Operations Professional) одобрена од ICAO – Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и од ACI – Меѓународниот совет на аеродроми.
Покрај турскиот, како негов мајчин јазик, Курт течно зборува англиски и германски јазик.
ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, ги заврши првите четири месеци од 2023 година, јануари – април, со 753.377 патници на двата македонски аеродрома, што е зголемување за 44% во однос на истиот период во 2022 година, a 8% во однос на 2019 година која се смета за реферетна. Во исто време, бројот на летови на двата аеродрома изнесува 6.010, со годишен пораст од 35% и 4% во однос на 2019 година.