ТАВ Македонија: Рехабилитацијата на пистата на скопскиот аеродром почнува на 28-ми март, ќе трае 50 дена без затворање на аеродромот и со минимално влијание врз авиосообраќајот

ТАВ Македонија: Рехабилитацијата на пистата на скопскиот аеродром почнува на 28-ми март, ќе трае 50 дена без затворање на аеродромот и со минимално влијание врз авиосообраќајот

Како што ТАВ Македонија веќе најави на почетокот на ноември 2021 година, како дел од инвестицискиот план за проширување и реновирање на македонските аеродроми, почнувајќи од 28-март до 16-ти мај 2022 година, во период од 50 дена, компанијата ќе врши рехабилитација на пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје.  

За оваа цел, авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, во текот на овој период, ќе се одвива од 17:00 часот попладне до 9:00 часот наутро, секој ден.  

 

Планирани во консултација со сите чинители и засегнати страни, градежните работи за рехабилитацијата, ќе се изведуваат без затворање на аеродромот и со минимално влијание врз авиосообраќајот.  

 

-Рехабилитацијата на пистата значи дека практично ќе го обновиме горниот слој на асфалтот на пистата, па затоа, во текот на овој период, меѓу 9:00ч. и 17:00ч., од 28-ми март до 16-ти мај, 2022 година, на пистата ќе се изведуваат градежни работи. Секој ден, во споменатиот временски период, ќе се рехабилитира еден дел од вкупната должина на полетно-слетната патека, со цел аеродромот да остане оперативен, односно, да можеме нормално да ги опслужуваме летовите во текот на останатиот период од денот, од 17:00ч. до 9:00ч.  Би сакал да го нагласам следново – скопскиот аеродром нема да биде затворен за време на рехабилитацијата на пистата. Аеродромот ќе биде отворен за патници 24/7, како и секогаш. Како и во текот на целиот период за време на ковид-пандемијата, ги советуваме патниците да пристигнат на аеродром 3-4 часа пред закажаното време на заминување на нивниот лет, подготвени со потребните документи за патување во однос на ковид, во консултација со авиокомпанијата со која патуваат и со амбасадата на странската земја каде што ќе патуваат“, изјави Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Тој објаснува дека ТАВ Македонија ја има донесено одлуката за рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром во консултација со сите авиокомпании што летаат од скопскиот аеродром, како и со сите чинители, односно со Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ, како и со сите даватели на услуги.  

 

Целта на ТАВ е градежните работи за рехабилитација да се завршат со минимално влијание врз авиосообраќајот.   

 

Како што објаснија од ТАВ Македонија, кога на еден аеродром се вршат ваков тип рехабилитации или реновирања на писта, има две опции – или аеродромот целосно да се затвори за сообраќај, за одреден период додека се вршат градежни работи, или да се следи модел со кој градежните работи ќе се одвиваат секој ден, во претходно дефиниран период од денот, додека остатокот од денот авиосообраќајот да се одвива нормално.

 

-Ние ја избравме втората опција, иако може да е понапорно за нас, но сакавме да одржиме непречен авиосообраќај за сите клиенти – авиокомпаниите и патниците, велат од ТАВ Македонија.

 

-„Би сакал да се заблагодарам на авиокомпаниите и на сите владини институции за нивната блиска соработка во текот на планирањето на овој процес со цел истиот да има минимално влијание врз авиосообраќајот. Ние постојано работиме заедно со сите чинители, со цел да го утврдиме Меѓународниот Аеродром Скопје како најдобар аеродром во регионот во однос на квалитет на услугите и овие инвестиции придонесуваат за долгорочен развој на аеродромот и на македонскиот авиосообраќај“, истакнува Батак.  

Пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје е долга 2.950 метри и е широка 45 метри. Последната реконструкција на пистата на скопскиот аеродром е направена во 1996 година, кога градежните работи се изведувале во поголема длабочина на асфалтот за разлика од сега, кога само горниот, површински слој од асфалтот ќе се рехабилитира. Тогаш, аеродромот бил затворен 2,5 месеци, а целокупниот сообраќај бил префрлен на охридскиот аеродром.

ТАВ Македонија ги советува патниците редовно да ги следат и проверуваат веб-страниците на авиокомпаниите, со цел да ги видат најновите ажурирања за летовите за нивната сакана дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје во периодот од 28-ми март до 16-ти мај 2022 година.

 

На веб страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје, во секцијата Летови (Пристигнувања/Заминувања) редовно и во реално време се ажурираат сите информации и евентуалните промени во редот на летање на авиокомпаниите, како што ТАВ Македонија ги добива истите.