Патници со попреченост

Патници со попреченост

ТАВ Македонија како аеродромски оператор на Меѓународниот Аеродром Скопје и на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, и како компанија којашто се грижи да обезбеди квалитетно патувачко искуство за своите  клиенти  постојано е посветена на задоволување на потребите на лицата со попреченост.

Пристапноста се смета за важен сегмент од нашето секојдневно работење со цел да обезбедиме еднакви можности за сите клиенти.
Затоа, зоните за патници во рамки на аеродромската инфраструктура, капацитетите и услугите се изградени и модифицирани со цел да може да ги користи секој.

Согласно РЕГУЛАТИВАТА (ЕС) 1107/2006 НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ И НА СОВЕТОТ од 5 јули 2006г. во однос на правата на лицата со попреченост (PWD) аеродромот е должен и одговорен да обезбеди помош на лицата со попреченост (PWD).

Лицата со попреченост се сметаат оние лица кои имаат долгорочни физички, ментални, интелектуални или сетилни оштетувања кои во интеракција со различни бариери може да го попречат нивното целосно и ефективно учество во општеството на еднаква основа со другите.

За да одговори на потребите на патниците со попреченост и да ја обезбеди потребната помош и поддршка, ТАВ Македонија има обучен и квалификуван персонал кој е подготвен да ги пречека и да обезбеди услуги за лицата со попреченост на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.

БАРАЊЕ ПОМОШ

Патниците на кои им е потребна помош треба да ја контактираат и да ја известат авиокомпанијата, туристичкиот агент или туроператорот со детали за нивните барања за помош најмалку 48 часа пред поаѓањето на нивниот лет.

Важно е патниците кои бараат помош за движење да ја контактираат авиокомпанијата, туристичкиот агент или туроператорот директно бидејќи нивното натамошно патување може да биде засегнато од правилата за безбедност што ги применува авиопревозникот за превоз на лица со попреченост.

Покрај ова, лицата со попреченост можат лесно да го најават своето пристигнување на Аеродромот и да побараат помош на која било од 4-те локации: 

  • Влез на паркинг со најавување преку интерфон*
  • Службата за помош на патници со попреченост – веднаш до Шалтерот за информации
  • Шалтер за информации
  • Шалтерите за регистрација на патници и багаж  

*Најавување преку интерфон

ТАВ Македонија ја воведе оваа услуга за да им овозможи помош и асистенција при патување на лицата со попреченост кои патуваат сами. За полесно и поедноставно добивање на услугата за помош и асистенција на лица, односно на патници со попреченост кои патуваат сами, ТАВ Македонија постави интерком за најавување на самиот влез на паркингот. Поточно, соодветно означениот интерком се наоѓа на самата рампа за влез на главниот паркинг на Меѓународниот Аеродром Скопје. Со најавувањето преку интерком, каде се стапува во аудио и видео контакт со вработен од аеродромската служба за помош на патници со попреченост при патување со авион, лицето со попреченост кое патува само и на кое услугата му е потребна уште од паркинг местото, ќе може да го најави своето пристигнување на аеродромот, односно на паркингот, а вработен од службата ќе пристигне на паркинг местото наменето за лица со попреченост за да го пречека патникот и да го преземе и одвезе до аеродромската терминална зграда, каде што ќе ги извршат сите аеродромски формалности и процедури за патување.  

За користење на оваа услуга, потребно е лицето со попреченост – патникот да се пријави најкасно 2 часа пред планираното време на полетување.

ПАРКИНГ МЕСТА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ НА МЕЃУНАРОДНИОТ АЕРОДРОМ СКОПЈЕ

На Меѓународниот Аеродром Скопје има вкупно 20 паркинг-места за лица со попреченост, каде што користењето на паркингот е бесплатно во рок од 24 часа.

За одобрување на бесплатно паркирање потребно е патникот да се упати во канцеларијата за паркинг и да приложи сообраќајна дозвола од возилото и легитимација за лице со попреченост (да се идентификува како лице со попреченост). Ова важи само доколку лицето со попреченост е сопственик на возилото и тој/таа управува со истото.
Растојанието од означените паркинг места за лица со попреченост до влезните врати на аеродромската зграда е 48 метри.