Аеродромска безбедност
Сите патници задолжително треба да обрнат внимание на следново пред лет
Бидејќи безбедноста и сигурноста се наши главни приоритети, ве молиме следете неколку едноставни чекори и правила кога патувате со авион.
Пристигнете на аеродромот навреме за вашиот лет. Времето на поаѓање е наведено на вашиот авионски билет, а шалтерите за регистрација на патници и багаж отвораат два часа пред времето на поаѓање.
За ваша безбедност, апелираме сами да го спакувате вашиот багаж и да не прифаќате ниту еден предмет или пакет што ви е даден за да го однесете, превезете до, или во име на некој друг.
Исто така, важно е да имате предвид дека одредени предмети што може да претставуваат ризик се забранети или превезувањето на истите во авион е ограничено. Ве молиме проверете ги регулативите и правилата пред да се пакувате за да избегнете какви било непријатни ситуации за време на безбедносната проверка на аеродромот.
Течности во кабински (рачен) багаж
Само мала количина течности е дозволено да се носи во рачниот багаж. Секоја течност мора да биде спакувана во амбалажа со максимален капацитет од 100 милилитри (100 ml). Амбалажите со капацитет од 100 ml мора да се спакувани во единечна проѕирна пластична кеса со патент со максимален капацитет од 1 литар. Ако немате проѕирна кеса со патент, можете да побарате на пунктот за безбедносна проверка. За повеќе детали за дозволени течности и како да ги подготвите и спакувате за безбедносна проверка, ве молиме погледнете ги регулативите на ЕУ за превезување течности во авион.
Течностите или LAGs (Liquids/течности, Aerosols/аеросоли, Gels/гелови) вклучуваат вода и други пијалаци, сирупи, креми, лосиони, масла, парфеми, гелови (вклучително шампони и гелови за туширање), спрејови, амбалажа под притисок (дезодоранси, пени за бричење или друг вид пени, итн.), пасти (вклучително паста за заби), козметички и производи за убавина и/или кои било други предмети со слична содржина и/или конзистентност. Ограничувањата за количина не се однесуваат на лекови* и храна за бебиња*.
Можете да носите лекови* и неопходна храна, на пр. храна за бебиња*, во кабинскиот (рачниот) багаж доколку истите ви се потребни за време на патувањето. Сепак, бидете подготвени да приложите доказ дека лековите ви се неопходни и имајте со вас дигитална или печатена копија од вашиот рецепт или белешка од доктор за да потврдите дека лековите во вашиот багаж се ваши.
Лековите чувајте ги во нивната оригинална амбалажа. Бидете сигурни дека лековите се јасно и соодветно означени и етикетирани.
Понатаму, известете ги референтите на пунктот за безбедносна проверка доколку имате медицински уред(и), медицинско/и помагало/а или имплант/и (на пр. пејсмејкер) пред да бидете прегледани на пунктот за безбедносна проверка.
Течности купени од бесцаринска продавница во рачен багаж
Можете да носите течности купени од бесцаринска продавница (duty-free) во вашиот рачен багаж, без разлика дали се купени на аеродромот или пак за време на лет. Погрижете се да бидат запечатени во посебна безбедносна кеса со црвена лента, заедно со сметката, кога ќе ги купувате. Чувајте ја кесата затворена и запечатена додека не пристигнете до вашата дестинација.
Опасни материи
На патниците и на екипажот, генерално не им е дозволено да носат опасни материи во авион, без разлика дали се работи за рачен багаж, регистриран багаж или со себе. Сепак, некои исклучоци се дозволени според правилата поставени од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) и наведени во упатствата на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) (IATA Табела).
Но, имајте на ум дека одредени авиокомпании и поединечни земји може да наметнат построги регулативи, додека некои авиопревозници може целосно да одбијат да превезуваат опасни материи. За да избегнете какви било недоразбирања, како и за повеќе детали, однапред проверете со авиокомпанијата со која ќе патувате.
Забранети предмети
Безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и на вработените се од најголемо значење, затоа, предмети како што се остри предмети, одредени спортски реквизити, алатки, огнено оружје итн., поради нивниот потенцијал да се користат за да се повреди и да се предизвика сериозна штета, не може да се превезуваат во авион или да се носат во рачниот (кабински) багаж. Списокот на забранети предмети можете да го најдете тука и имајте предвид дека списокот не е сеопфатен, бидејќи персоналот за обезбедување може да одбие пристап до безбедносно ограничената зона и качување во авион на кој било патник што поседува предмет што не се наоѓа во списокот на забранети предмети, а за кој предмет сметаат дека е/може да се смета за опасен или забранет.
Бидете сигурни дека во вашиот багаж нема опасни материи и забранети предмети.
❗ Важно ❗ Додека сте на аеродром, ве молиме не го оставајте вашиот багаж без надзор во ниту еден момент. Багажот без надзор ќе биде отстранет од службата за обезбедување.
Процедура за безбедносна проверка – патници и кабински (рачен) багаж
По пасошка контрола и по проверка на вашите документи за патување, следната проверка е на пунктот за безбедносна проверка.
За повеќето патници безбедносната проверка е еден од најстресните моменти и процеси при патувањето со авион. Но, не грижете се, нашиот добро обучен персонал за безбедносна проверка ќе ве води низ процесот.
За ваша безбедност, апелираме сами да го спакувате вашиот багаж и да не прифаќате ниту еден предмет или пакет што ви е даден за да го однесете, превезете до или во име на некој друг.
Исто така, важно е да имате предвид дека одредени предмети што може да претставуваат ризик се забранети или превезувањето на истите во авион е ограничено. Ве молиме проверете ги регулативите и правилата пред да се пакувате за да избегнете какви било непријатни ситуации за време на безбедносната проверка на аеродромот.
Бидете сигурни дека во вашиот багаж нема опасни материи и забранети предмети и дека не носите со вас некој од забранетите предмети. Проверете ги применетите стандардни правила за аеродромска безбедност.
На пунктот за безбедносна проверка, вие и вашиот кабински (рачен) багаж ќе бидете прегледани со помош на метал-детектор врата и рендген уред, соодветно.
За непречена и брза безбедносна проверка, подолу ви даваме неколку совети како без стрес да поминете на пунктот за безбедносна проверка.
- Течностите во кабинскиот (рачниот) багаж, треба да бидат спакувани во единечна амбалажа со максимален капацитет од 100 милилитри (100 ml), а потоа сите единечни амбалажи да се спакувани во проѕирна пластична кеса со патент со максимален капацитет од 1 литар (1l). На пунктот за безбедносна проверка, приложете ја и ставете ја кесата со патент со капацитет од 1 литар во пластичната корпа каде ќе ги ставите и сите ваши лични предмети.
- Сите електронски уреди што се носат во кабинскиот (рачниот) багаж треба да се извадат од багажот и да се стават одделно во пластичната корпа.
- Потребно е да се соблече јакната, палтото и/или елекот и да се извади/ат ременот, очилата и накитот (доколку се носат) и внимателно и безбедно да се стават во пластичната корпа.
- Сите џебови треба да се испразнат и сите лични предмети да се стават во пластичната корпа, бидејќи џебовите мора да се празни пред да се помине на скенерот.
- ❗ Бидете внимателни и бидете сигурни дека сите ваши електронски уреди, предметите од џебовите, накитот и сите ваши лични предмети се соодветно ставени во пластичната корпа, за да избегнете какво било оштетување при безбедносната проверка.
- Ако патувате со лекови и медицинска опрема и/или медицински помагала, ве молиме имајте со себе дигитален и/или печатен примерок од рецептот или белешката од доктор за да потврдите дека спакуваните лекови се ваши. Лековите чувајте ги во нивната оригинална амбалажа. Бидете сигурни дека лековите се јасно и соодветно означени и етикетирани.
- Доколку имате медицински уред(и), медицинско/и помагало/а или имплант/и (на пр. пејсмејкер), известете ги референтите на пунктот за безбедносна проверка пред да бидете прегледани на пунктот за безбедносна проверка.
- Строго следете ги упатствата дадени од страна на нашите колеги на пунктот за безбедносна проверка.
Корисни информации
Паркинг
Меѓународен Аеродром Скопје располага со сопствен паркинг простор....
Информации за летови
Информации за пристигнување и заминување на летови на Меѓународниот Аеродром Скопје во реално време
Често поставувани прашања
До/од Меѓународниот Аеродром Скопје има редовен автобуски превоз за патници којшто поминува и застанува на клучни автобуски постојки низ градот Скопје и пристигнува до аеродромот. Со овој автобуски превоз управува компанијата V2V Transporter. Возниот ред на автобусот се подготвува според распоредот на летови на Меѓународниот Аеродром Скопје. Билетот во една насока за автобускиот превоз чини 199 денари. Повеќе информации можете да најдете во делот Водич за патници на веб-страницата, односно на Автобус.
Меѓународниот Аеродром Скопје работи 24/7. Рестораните и кафулињата како Cakes & Bakes, Café In, Burger King и Need Stop им се постојано достапни на патниците; бизнис-салонот (PrimeClass CIP Service) нуди комфор 24/7, а бесцаринската продавница (ATU Duty Free) е отворена согласно летовите и нуди широк асортиман на производи.
Пријавувањето на патниците на шалтерите за пријавување патници и багаж почнува 120 минути (2 часа) пред закажаното време на полетување (STD) наведено на вашиот авионски билет. Времето на затворање на шалтерот за пријавување на аеродромот е најдоцна 40 минути пред закажаното време на полетување наведено на вашиот авионски билет.
За информации во врска со летовите, следете ја веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје, во делот Пристигнувања и/или Заминувања, каде што сите промени во распоредот на летови се обновуваат во реално време, односно како што ни пристигнуваат информациите од авиокомпаниите.
Доколку Ви се потребни итни дополнителни информации за Вашиот лет, можете да го контактирате Шалтерот за информации на телефонскиот број: +389 2 3148 333, кој работи 24/7.
На патниците им е дозволено да носат предмети за кои не се наплаќа како што се: палто, 1 чадор или бастун, 1 женска чанта, 1 камера или двоглед, 1 корпа за носење на новороденче, 1 пар патерици или слични протетички помагала, медицинска опрема од која патникот е зависен, соодветна количина храна за бебиња.
Во врска со висината на надоместоците за багаж, Ве молиме контактирајте ја авиокомпанијата со која летате, бидејќи секоја авиокомпанија има своја политика и правила за багаж.
Ако имате специфични прашања во врска со дозволени/недозволени предмети во багажот, поставете го Вашето прашање до нашиот Оддел за односи со клиенти, на следниот е-мејл: customer.mk@tav.aero
Во случај на изгубен или оштетен багаж, веднаш упатете се во Одделот за изгубен багаж, кој е лоциран близу до лентите за подигнување на багажот, односно во зоната за Пристигнувања во државата и по Пасошка контрола, а пред Царинска контрола.
Нашите вработени ќе ви изготват записник за изгубен/оштетен багаж, со кој потоа ќе се обратите до вашата авиокомпанија. Доколку ви е потребно да го контактирате одделот за изгубен багаж, пишете ни на: lostbaggage@tav.aero
За изгубени/најдени предмети во авион, контактирајте нé на истиот мејл: lostbaggage@tav.aero
Ако изгубите или најдете личен предмет во аеродромската зграда, веднаш пријавете или на Шалтерот за информации или пак кај вработените од обезбедувањето, а доколку сте веќе заминати од аеродромот пишете ни на lost.property@tav.aero
Сите детали на: http://skp.airports.com.mk/.../airpo.../page/lost-luggage-mk
Да. Од 2015 година ТАВ Македонија има воведено бесплатен безжичен, Wi-Fi, интернет на Меѓународниот Аеродром Скопје. Патниците можат преку нивните мобилни уреди да го користат бесплатниот безжичен интернет со едноставно приклучување на безжичната мрежа со име: TAV Airports, без потреба од впишување лозинка.
Вашето возило може да го паркирате на нашиот паркинг без претходна резервација. Оваа услуга е достапна 24/7 на Меѓународниот Аеродром Скопје.
Ценовник за паркинг:
1ч – МКД 100
2ч – МКД 150
3ч – МКД 200
4ч – МКД 300
4-6ч – МКД 400
6-8ч – МКД 500
8-24ч – МКД 1,000
3-5 дена – МКД 3,500
5-7 дена – МКД 4,500
Секој нареден ден – МКД 400
За повеќе информации за паркинг услугите, ве молиме кликнете на Паркинг.
Да. Меѓународниот Аеродром Скопје има посебно означени паркинг-места за лицата со попреченост и паркингот за нив е бесплатен во рок од 24 часа. Со покажување на сообраќајната дозвола и легитимацијата за попреченоста на Шалтерот за наплата на паркинг, лоциран во терминалната зграда, нашите вработени ќе го поништат паркинг-билетот и лицето со попреченост автоматски ќе биде ослободено од плаќање паркинг. Доколку сите паркинг-места за лицата со попреченост се зафатени, паркирајте се на обично место и следејќи ја истата постапка ќе бидете ослободени од плаќање паркинг.
За повеќе информации за паркинг услугите, ве молиме кликнете на Паркинг или на http://skp.airports.com.mk/mk-MK/passenger-guide-mk/page/-passengers-with-disabilities-and-passengers-with-reduced-mobility-prm-mk-
За патување со миленик во авион потребно е патниците да ги обезбедат сите потребни документи и вакцини за животното пред да тргнат на пат. За подетални информации обратете се во авиокомпанијата со која летате:
https://en.aegeanair.com/travel-information/special-assistance/traveling-with-pet/
https://www.turkishairlines.com/en-us/any-questions/traveling-with-pets/
https://www.croatiaairlines.com/Travel-info/Special-passenger-categories/Animals
https://www.qatarairways.com/en/baggage/animals.html
https://www.austrian.com/Info/Flying/TransportationAnimals
https://www.flypgs.com/en/write-to-us/a0j58000000NHWFAA4#sf-1
Wizz Air не дозволува домашни миленици во авион, со исклучок на кучиња водичи кои придружуваат лица. За овие кучиња е неопходно да се достават соодветни документи за патување.
https://wizzair.com/en-gb/information-and-services/travel-information/baggage
Да. Меѓународниот Аеродром Скопје има Служба за помош на патници со попреченост и патници со намалена подвижност – PRM. Службата каде што може да се најде оваа бесплатна услуга, се наоѓа веднаш до Шалтерот за информации, во терминалната зграда. Како личност со намалена подвижност (PRM) се подразбира секое лице чија подвижност е намалена поради физичка попреченост (сензорна или локомоторна), интелектуален дефицит, возраст, болест или друга причина.
Да. На Меѓународниот Аеродром Скопје има просторија за пушење, која се наоѓа во безбедносно-контролираната зона. Просторијата за пушење се наоѓа веднаш до излез број 201, односно од левата страна по пасошка контрола и по пунктот за безбедносен преглед.
Покрај собата за пушење, патниците можат да ги користат и отворените тераси од кафетериите кои се наоѓаат на влезот во терминалната зграда на аеродромот.
Пушењето е забрането во останатиот дел од терминалната зграда.
Во случај на општи прашања за кои не ви е потребен итен одговор, жалби или пофалби, пишете ни на customer.mk@tav.aero Тоа е нашиот Оддел за односи со клиенти, од каде во најкус можен рок ќе добиете одговори на Вашите прашања.